ФФМ го одржа Редовното Генерално Собрание

Објавено на 17 Февруари, 2018 во Вести


Фудбалската федерација на Македонија денеска го одржа Редовното Генерално Собрание за 2018 година. На Генералното Собранието е усвоен финансискиот извештај и завршната сметка за 2017 година, извештајот од претседателот и Управниот одбор на ФФМ, извештајот од Надзорниот одбор, извештајот од независниот ревизор и буџетот за 2018 година. Највисокото тело на Федерацијата го усвои предлогот за вонредно ублажување на изречените казни на фудбалерите кои играа за Металург Виктор Анфглов, Стефан Јефтовски, Филип Ристовски и Дејан Додевски, претседател на КМФ Биџо.

Во своето обраќање претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Илчо Ѓорѓиоски истакна задоволство од резултатите постигнати минатата година и уверување дека во тој правец ќе се продолжи за понатамошен развој на македонскиот фудбал.

„Оваа федерација потврди дека може...Погледот на годината што ја испративме секогаш во нашиот фудбалски живот ќе предизвикува задоволство и гордост. Лани од ова место Ве повикав да се избориме да продолжи политиката и стратегијата на Фудбалската федерација на Македонија, а тоа значеше целосен фокус на реконструкција на стадионите, вложување во младинскиот фудбал, подобри резултати на сите национални репрезентации, почитување на Националната стратегија, овозможување на сите потребни услови за подготовка на репрезентациите. 

Бидете горди на оствареното. Можеме да тропнеме и да ја отвориме секоја врата. Од УЕФА и ФИФА, клубовите, тренерите и фудбалерите до корпоративниот сектор. Помагаме и ќе продолжиме тоа да го правиме најбитно е дека фудбалското семејство е задоволно. Сите ние, федерацијата, клубовите, општинските сојузи, медиумите...сите делиме заслуги за подобрување на атмосферата, условите и амбиентот на нашето фудбалско секојдневие.

Со подобра инфраструктура и здрава атмосфера, македонскиот фудбал ќе изгледа уште подобро. Струмица и стадионот „Младост“ е вистински пример за тоа. Пример за успешна приказна. Во Струмица успеавме стадионот Младост да го подготвиме  за официјален меѓународен натпревар за помалку од 60 дена, како Федерација вложивме многу финансии. Меѓутоа  за успешна приказна секогаш не се клучни само финансиите. Струмица и стадионот Младост се успешна приказна затоа што тоа не го направивме сами. Го направивме со голема подршка, заедно, рамо до рамо со Агенцијата за млади и спорт и општина Струмица. И така треба да биде. 

И во иднина ќе продолжиме и финансиски и логистички Битола, Тетово, Прилеп, Велес, Штип да добијат репрезентативни стадиони и да создадаваме услови за многу повеќе млади луѓе да тренираат и играат во одлични услови.

Додека јас сум претседател на оваа федерација, чесноста и отвореноста ќе бидат особини кои не красат. Да, ние секогаш прифаќаме конструктивна критика, прифаќаме идеи и предлози и оваа Федерација секогаш ќе ги отвора вратите за сите кои сметаат дека можат да помогнат. На крајот повторно ќе кажам, оваа федерација потврди дека искрено и мотивирано се бореше за реформа во македонскиот фудбал, отворено и чесно. И постигнавме најдобри резултати во историјата на македонскиот фудбал. Тој е нашиот правец и во иднина“, рече Ѓорѓиоски пред присутните на Собранието.

Генералното Изборно Собрание на ФФМ го следеа високите претставници на УЕФА, Зоран Лаковиќ, директор на Национални асоцијации на УЕФА и Давор Шукер, Член на Извршниот комитет на УЕФА.



   
   
А репрезентација